Mehmet Tosun
01 Ноември 2023•Ажурирај: 01 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Израел веќе 25 дена во Газа прави злосторство против човештвото пред очите на целиот свет, јавува Анадолу.
Турскиот претседател Ердоган претседаваше со седницата на Кабинетот во Анкара, а потоа во обраќањето пред нацијата истакна дека Туркије достоинствено и во согласност со нејзиното значење, ја прославила јубилејната 100-годишнина од прогласувањето на Републиката.
„Вистината која сите ќе ја прифатат е дека Република Туркије, којашто ја прославува својата 100-годишнина, е моќна, безбедна и почитувана повеќе од кога било претходно“, рече Ердоган и додаде дека раководството и народот на земјата продолжуваат одлучно по патот на прогресот и развојот на сите полиња од животот.
Ердоган за дефилето на турската морнарица низ Истанбулскиот Теснец по повод 100-годишнината од прогласувањето на Република Туркије рече дека тоа било стратешки важна порака, паралелно со демонстрацијата на моќта и силата на турските поморски сили.
Претседателот на Туркије истакна дека овој важен јубилеј за Туркије е одбележан во тага и солидарност со Палестинците во Газа, кои се цел на жестоките израелски напади што започнаа на 7 октомври.
„Израелската власт, потпомогната со безусловната поддршка на Европа и САД, веќе 25 дена прави злосторство против човештвото пред очите на целиот свет“, рече Ердоган.
За неодамнешниот напад врз болницата на турско-палестинското пријателство во Газа, Ердоган рече дека и таа здравствена установа за лекување на пациентите заболени од рак била жртва на израелското варварство.
„Веруваме дека Израел, кој во потполност го загуби државничкиот разум и кој се однесува како да е организација, треба да биде запрен“, порача Ердоган.
Турскиот претседател рече дека од директните напади на Израел врз цивилите во Газа, досега се убиени 8.500 Палестинци, главно бебиња, деца и жени.
„Ги продолжуваме напорите за да извршителите и налогодавачите на воените злосторства во Газа бидат изведени пред лицето на правдата“, истакна Ердоган.
Претседателот на Туркије, Ердоган, и во оваа прилика посочи дека западниот свет, на чело со европските земји, уште еднаш паднал на испитот за хуманоста во Газа.
„Треба да воспоставиме нов безбедносен механизам во соработка со актерите во регионот. Подготвени сме да преземеме одговорност доколку до тоа дојде“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека Туркије досега во Газа испратила 213 тони помош и дека дел од тоа веќе пристигнало до рацете на жителите на блокираната палестинска енклава.
„Ниту еден збор на оние кои немо го гледаат убивањето на децата во Газа утре нема да вреди ништо, по ниту едно прашање... Никаква корист нема светот од наводните заштитнички права на оние коишто сега молчат пред израелските масакри“, рече претседателот Ердоган.
Турскиот претседател порача и дека е неопходно итно прогласување на примирје во Газа за да се спречат нови масакри и дека тоа потоа би требало да се претвори во траен мир во регионот.
Ердоган нагласи дека најсоодветно би било да се организира мировна конференција за израелско-палестинското прашање со учество на сите релевантни актери.