Emel Gözellik
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Во борбата против новиот вид коронавирус (Covid-19), кој се појави во градот Вухан, во покраината Хубеи во Кина, се тестираат и традиционални методи на лекување стари 2 илјади години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новиот шеф на Комисијата за здравство во Хубеи, Ванг Хушин, потврди дека традиционалните третмани на кинеската медицина се користат и во некои болници во Вухан.
Наведувајќи дека западната медицина и традиционалните лекови се користат во борбата против коронавирусот, Ванг изјави дека нивните напори започнале да даваат добри резултати.
Џанг Шинмин, шефот на Кинескиот национален центар за развој на биотехнологија, изјави дека во борбата против коронавирусот се тестирани хлороквин дифосфат, фавипиравир и ремдесивир.
Од јапонското Министерство за здравство се наведува дека бројот на заразени во таа земја е зголемен на 510.
„Најновиот биланс на мртви од последиците на заразување со новиот коронавирус во Кина изнесува 1.771 лице“, соопшти претходно Националната комисија за здравје.
Според последните податоци, 70.548 лица се заразени, додека 105 лица починале во последните 24 часа, а евидентирани се најмалку 2.048 нови случаи на заразување со коронавирус.
Бројот на заразените лица откриен надвор од Кина остана на 57 во Хонгконг и 10 во Макао. Овие две подрачја се посебни административни региони. Под медицински надзор се наоѓаат 150.539 лица, а овој број е намален.
Се верува дека новиот коронавирус преминал од животните на луѓето, особено од лилјаците. Заразата се прошири на повеќе од 20 земји, меѓу кои се САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Многу држави, вклучувајќи ја и Турција, ги евакуираа своите граѓани од градот Вухан - епицентарот на заразувањето со коронавирусот - и другите погодени региони во Кина, ставајќи ги тие лица во карантин и под надзор.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи вонредна состојба поради загрозеноста на здравјето на меѓународно ниво.