Beyza Binnur Dönmez
05 Декември 2024•Ажурирај: 06 Декември 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Денес на Малта започна 31-от состанок на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со повици за повлекување на Русија од Украина, јавува Анадолу.
Министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, за време на отворањето строго се изјасни против војната на Русија во Украина, повикувајќи ја Москва да ги повлече трупите од меѓународно признатите украински територии и да стави крај на војната.
„Последните ескалации и напади мора веднаш да престанат, и да се отвори патот за сеопфатен, праведен и траен мир преку дипломатија“, нагласи тој.
Борг, исто така, ја повика Русија безусловно да ги ослободи тројцата членови на персоналот на ОБСЕ, Вадим Голда, Максим Петров и Дмитро Шабанов, приведени во април 2022 година.
Тој, исто така, ги истакна предизвиците на ОБСЕ, кои го опфаќаат отсуството на високо раководство од септември, нерешени буџетски прашања од 2021 година и поголемите безбедносни закани во регионот.
Претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Кума, нагласи дека на војната може да ѝ се стави крај само ако Русија го почитува Завршниот акт од Хелсинки и се повлече од Украина.
На самитот пристигна и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, што е негова прва посета на земја од Европската Унија (ЕУ) од почетокот на војната во Украина.
Иако ЕУ наметна санкции врз Лавров, како замрзнување на неговиот имот, тој не се соочува со забрана за патување, што му дозволува да присуствува на состанокот на ОБСЕ.
Според полската државна новинска агенција ПАП, полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, го напуштил состанокот на ОБСЕ за време на говорот на рускиот министер Лавров.
Сикорски ја напушти просторијата во знак на протест поради присуството на Лавров, изјавувајќи за медиумите дека „нема да ги слуша лагите на Лавров“, објави ПАП.
И делегациите од Литванија, Летонија, Естонија и Чешка излегоа од состанокот за време на обраќањето на Лавров, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен, меѓу останатите, остана во салата, објави новинската агенција.