Ekipa
31 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
КАБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Сигмар Габриел, соопшти дека во утринскиот бомбашки напад во центарот на Кабул се повредени неколкумина вработени во амбасадата на Германија, а загинал чуварот Авганистанец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Габриел изјави дека персоналот е безбеден и изрази сочувство до семејството на загинатиот.
Тој вети дека нападот нема да влијае на одлучноста на Германија да го поддржи авганистанскиот режим во стабилизацијата на земјата.
Германското Министерство за надворешни работи го ангажираше кризниот тим за да укаже помош по бомбашкиот напад во центарот на Кабул, каде што се сместени голем број странски дипломатски претставништва.
Нападот се случи во непосредна близина на германската амбасада, но во тој кварт се наоѓаат и амбасадите на Турција, Јапонија, Иран и на други земји.
Авганистанските безбедносни сили го блокираа пристапот до местото на нападот, а материјалната штета е видлива на сите згради во квартот.
Авганистанските официјални лица соопштија дека во нападот загинале најмалку 80 лица, а 350 се ранети. Сѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.