Ali Makram Ghareeb
20 Ноември 2020•Ажурирај: 21 Ноември 2020
КИРКУК
Во операцијата против терористичката организација ДЕАШ во селата околу Киркук, Ирак, убиени се 16 терористи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата дадена за Агенција Анадолија (АА), командантот за операции на Киркук, ирачкиот генерал-потполковник Саад Харбије, истакна дека е започната операција против терористичката организација ДЕАШ во руралното подрачје јужно од градот.
Наведувајќи дека припадниците на ДЕАШ им возвратиле на безбедносните сили за време на операцијата во близина на долините Зегетун и Ханазир, Харбије истакна дека настанале судири меѓу двете страни кои траеле еден час.

Харбије исто така нагласи дека во операцијата која од воздух била поддржана од коалициските сили предводени од САД се убиени 16 терористи на ДЕАШ.
Подвлекувајќи дека за време на операцијата биле уништени и многу засолништа на припадници на терористите, ирачкиот командант додаде дека во засолништата биле запленети голем број фалсификувани документи, пасоши, лични карти и оружје.
Меѓу другото, генерал-потполковник Харбије информира дека е завршена операцијата спроведена од страна на ирачката Армија, федералната полиција и антитерористичките сили.
Во јуни 2014 година, ДЕАШ целосно ги зазеде провинциите Мосул, Салахадин и Енбар и делови од провинциите Дијала и Киркук. Овие региони со текот на годините беа повратени од терористичката организација.
Поранешниот ирачки премиер Хајдар ал Ибади на 9 декември 2017 година соопшти дека извојувале победа над организацијата.
Иако поминаа три години откако терористичката организација ДЕАШ е протерана од регионот и градовите, нападите на организацијата продолжуваат, особено во руралните области на провинциите Киркук, Дијала, Мосул, Салахадин и Енбар.