Ekipa
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
ЕРБИЛ (АА) - Во Регионалната курдска управа во северниот дел на Ирак, затворени се вкупно 215 деца под обвинение дека се припадници на терористичката организација ДЕАШ, од кои 58 сѐ уште се во затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Независниот совет за човекови права при Регионалната курдска управа, Зија Питрос, во изјава за АА истакна дека во рамките на операцијата за ослободување на Мосул од ДЕАШ, која започна на 16 октомври, 215 деца се приведени од страна на безбедносните сили под образложение дека се припадници на оваа организација.

Питрос вели дека се сретнале со секое од децата, кои се наоѓаат во различни затвори, и додаде дека децата признале оти поминале обука за оружје, биле поставени во контролните точки и биле обучувани да учествуваат во бомбашки активности.
Питрос информираше дека поголемиот дел од децата за кои немало конкретно обвинение, биле пуштени во слобода. „Моментално, во затвор има 58 деца поради поврзаност со ДЕАШ. Секој месец ги посетуваме за повнимателно да ја следиме нивната состојба“, рече Питрос, пренесувајќи дека поголемиот дел од децата се од Мосул.
„Ги прашавме дали сакаат да бидат пренесени во Мосул или во Багдад, но децата одлучија да останат тука. Тие се плашат да не бидат изложени на малтретирања во другите затвори“, рече во изјава за АА претседателот на Независниот совет за човекови права при Регионалната курдска управа, Зија Питрос.