Abdula Berisha
07 Февруари 2024•Ажурирај: 12 Февруари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во Владата на Северна Македонија се одржа инаугуративната седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на земјата во НАТО, јавува Анадолу.
Советот претставува формален меѓувладин механизам за координација на прашањата поврзани со националната безбедност и одбраната, поврзани со НАТО, а настанот е во заедничка организација со британската Амбасада во Северна Македонија.
Инаугуративната седница ја отвори премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, кој рече дека Советот ја потврдува посветеноста на земјата на безбедноста преку единство, како и силната врска со Обединетото Кралство.
„Денес го формираме Советот за координација на активностите на Северна Македонија во НАТО, што како заложба произлезе уште од нашето членство во НАТО. Имајќи ги предвид предизвиците кон безбедноста и стабилноста со кои се соочуваме како дел од евроатлантската заедница, формираме Совет што ја зацврстува нашата отпорност и кој ќе помогне во нашиот координиран настап како институции кога е во прашање безбедноста во најширока смисла, како и прашањата поврзани со НАТО“, рече Џафери.
Наведувајќи ги Русија и тероризмот како две главни закани за НАТО, тој рече дека Алијансата никогаш не била повеќе обединета и посилна од сега.
Свое обраќање имаше и британскиот амбасадор Метју Лосон, кој потсети дека оваа година НАТО слави 75 години од своето основање.
„НАТО е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата, во чии рамки повеќе од една милијарда луѓе живеат во побезбедно и посигурно опкружување. Првиот состанок на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Северна Македонија во НАТО денес е дел од британската поддршка кон земјата, како наш силен НАТО-партнер“, рече амбасадорот Лосон.
На настанот се обрати и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој рече дека Министерството за надворешни работи го иницираше формирањето на ова тело, со кое се овозможува синхронизирана, ефикасна и интегрирана меѓуресорска соработка и консултации за сите прашања што произлегуваат од членството во Алијансата.
По говорите на инаугуративната седница, се одржа затворен состанок на кој присуствуваа и претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Северна Македонија.