Yusuf Özcan
02 Септември 2020•Ажурирај: 03 Септември 2020
ПАРИЗ
Во Франција започна судски процес во врска со нападите на сатиричното списание Шарли Ебдо и еден еврејски маркет извршени во јануари 2015 година во Париз, известува Агенција Анадолија (АА).
Судскиот процес кој поради пандемијата на новиот тип на коронавирус (Ковид-19) беше одложен, започна во Палатата на правдата во Париз. Во овој процес подигнато е обвинение против 14 лица.
Тројца од обинетите во 2015 година заминале за Сирија каде ѝ се приклучиле на терористичката организација ДЕАШ. Поради тоа, на овие тројца обвинети ќе им се суди во отсуство, додека останатите 11-мина обвинети лично ќе присутвуваат на рочиштата.
Меѓу обвинетите се наоѓаат двајца Турци, 35-годишниот Али Риза Полат кој живее во Франција и 50-годишниот Метин Карасулар кој живее во белгискиот главен град Брисел. Полат, Карасулар и останатите лица се обвинети за обезбедување оружје и логистичка поддршка на напаѓачите. Покрај тоа, за Полат се наведува дека е лице блиско со напаѓачот Амеди Кулибали.
За обвинетите се бараат казни од 10 години до доживотен затвор. Се очекува судската одлука да биде донесена на 10 ноември.
На 7 и 9 јануари 2015 година во Париз беа изведени напади врз сатиричното списание Шарли Ебдо и еден еврејски маркет. Во овие напади животот го загубија 17 лица. Нападите ги изведоа браќата Саид и Шериф Коаши и Амеди Кулибали. Напаѓачите за време на нападот беа убиени од страна на француската полиција, а терористичката организација Ал Каеда ја презеде одговорноста за нападот.
Сатиричното списание Шарли Ебдо вчера повторно објави карикатури со навредлива содржина за пророкот Мухамед. Во ова списание пред и по нападот во јануари 2015 беа објавени карикатури со навредлива содржина за пророкот Мухамед.