свет

Во Јабланица и Коњиц загинаа 13 лица, десет се водат за исчезнати

- По собирањето на податоците и по консолидирањето на состојбата на терен, утврдено е дека три тела двапати биле пријавени од различни служби, па сега таа бројка е корегирана на 13.

Alma Dekovic  | 05.10.2024 - Обновена : 06.10.2024
Во Јабланица и Коњиц загинаа 13 лица, десет се водат за исчезнати

МОСТАР (АА) - Шефот на Одделот за односи со јавноста на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, Дарко Јука, во саботата потврди дека 13 лица загинале како резултат на свлечишта, одрони и поплави во тој кантон, јавува Анадолу.

Јука на прес-конференција во седиштето на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон во Мостар зборуваше во врска со новите информации за последиците од природните катастрофи во Јабланица и Коњиц.

„Вчера беше спомната бројката од 16, која исто така ја презентиравме, меѓутоа, по собирањето на податоците и по консолидирањето на состојбата на терен, утврдено е дека три тела двапати биле пријавени од различни служби, па сега таа бројка е корегирана на 13, од кои едно лице загина во областа на Коњиц, поточно од Бутуровиќ Поље. 12 лица загинаа во подрачјето на Јабланица. Досега се идентификувани 11 лица, а едно лице не се знае кој е и се води како НН. Се претпоставува дека лицето не е од Јабланица. Екипите прават напори за идентификуваат жртвите во соработка со мештаните“, рече Јука.

Тој додаде дека во моментов трагаат по четири лица во Коњиц и шест лица во Јабланица.

Во моментов сообраќајната врска меѓу Коњиц и Јабланица е проодна, пробиен е и коридорот кон општина Прозор - Рама, кој е отворен само за спасувачките служби, односно за интервентните единици кои учествуваат во процесот за спасување.

Јука ги повика граѓаните да не тргнуваат на патот кон Јабланица, за да не предизвикаат дополнителни пречки во напорите да им се помогне на настраданите и во пронаоѓањето на жртвите.

Врнежите од дожд во подрачјето на општините Јабланица, Коњиц, Кисељак, Фојница и Крешево ноќта од четврток кон петок предизвикаа големи проблеми кај жителите од тие општини во Босна и Херцеговина.

Поради големите поплави и одрони, загрозено е поголем дел од населението, со информации дека има жртви како и голем број повредени и исчезнати, соопшти Федералната управа за цивилна заштита на БиХ.

Според последните информации три лица загинале во Фојница. Претходно беше соопштено дека една постара жена во загинала во Фојница. Во градот Гојевиќи, кај Фојница, од еден од поплавените автомобили е извлечено тело на маж.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.