Nuran Erkul Kaya
23 Септември 2019•Ажурирај: 23 Септември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денес ќе го отвори Самитот за климатските промени со декларацијата за итно дејствување, а од друга страна, Њујорк, во кој се одржува Самитот, е излепен со постери на извршните директори на „Шел“ (Shell), „Би-пи“ (BP), „Ексонмобајл“ (ExxonMobil) и „Шеврон“ (Chevron), на кои се прикажани како климатски криминалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата започнува со воведно обраќање на Гутереш, а по него ќе се обрати младата активистка Грета Тунберг, додека постерите на директорот на компанијата за преработка на фосилни горива, со кој е излепен градот, зборуваат за незадоволството на невладиниот сектор кон учесниците на Самитот.
Имено, „Карбон трекер“ (Carbon Tracker) во извештајот објавен на почетокот на месецот наведува дека нафтените и гасни компании од 2018 година инвестирале 50 милијарди американски долари во големи проекти, кои ги поткопуваат климатските цели.
Според тој извештај, ниту една голема нафтена компанија не инвестирала во некој проект кој би одел во корист на Парискиот договор за климатски промени, кој предвидуваше намалување на глобалната температура значително под два степени Целзиусови.
Во пресрет на Самитот, синоќа мултилатералните развојни банки открија планови за зголемување на инвестициите во глобалните климатски акции, што ги поддржуваат секоја година, на 175 милијарди долари до 2025 година. Во тоа се вклучени Европската банка за обнова и развој, Азиската развојна банка, Исламската развојна банка, Светската банка, Европската инвестициска банка, Африканската развојна банка, Новата развојна банка, Азиската инфраструктурна и инвестициска банка и Меѓуамериканската развојна банка.
Во 2018 година климатското финансирање на мултилатералните развојни банки во земјите во развој и растечките економии достигна рекордно годишно ниво, што резултираше со 111 милијарди долари, комбинирани со финансирање и кофинансирање на тие банки за климата.
Глобално, четири милиони луѓе во 163 земји излегоа на протести пред Самитот, барајќи од владите и лидерите мерки што ќе ги спречат климатските промени. Околу 1,4 милиони луѓе излегоа на улиците во Германија, 300.000 протестираа во Мелбурн во Австралија и 250.000 во Њујорк во Соединетите Американски Држави (САД).
Самитот, на кој лидерите би требало да ги најават плановите за преземање конкретни чекори, е поделен на 12 тематски целини - од климатско финансирање до енергетска ефикасност и транзиции од јаглен до чиста електрична енергија.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на Самитот би требало да зборува за конкретниот акционен план на одржливиот транспортен систем и урбаните трансформации, на панелот под назив „Живеј, работи и движи се зелено“.
Индискиот премиер, Нарендра Моди, би требало да го најави планот за изградба на постројки за обновливи извори на енергија од 500 гигавати во Индија до 2030 година.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на Самитот ќе ја претстави новата иницијатива „Климатски договор за работа“. Иницијативата е развиена од Самитот за климатска акција, од Меѓународната организација на трудот и другите членови на Општествените и политички придвижувачи на самитот, што ги предводат Шпанија и Перу.
Според Меѓународната организација на трудот (ILO), мерките за воведување „зелено“ производство и користење енергија би воделе кон создавање мрежа од околу 24 милиони работни места до 2030 година. На иницијативата ќе може да се придружи која било земја, дури и по Самитот.