Ekipa
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
ОВИЕДО (АА) - По неколкумесечните неуспешни преговори за формирање Влада, Парламентот на Шпанија ќе се распушти вечерва на полноќ и автоматски ќе повлече одржување нови избори во земјата за 10 ноември, јавува Anadolu Agency (AA).
Од 2015 година, ова ќе биде четврти пат Шпанците да излезат на избори.
Резултатите од последните избори во април 2019 година беа во корист на Социјалистичката партија на Шпанија, предводена од Педро Санчез. Но, неговата партија не успеа да ја добие парламентарната поддршка што ја бара шпанскиот Закон за формирање влада.
Иако левичарскиот блок составен од социјалистите, крајната левицата Унидас Подемос (Обединети можеме) и различни националистички групи имаа парламентарно мнозинство, преговорите не успеаја.
Унидас Подемос бараше коалициска влада, а социјалистите ги одбија нивните услови. Бидејќи ниту една партија не сакаше да отстапи од барањата, се влезе во ќор-сокак кој шпанските гласачи треба да го пробијат.
Анкетите укажуваат на тоа дека и по 10 ноември, Парламентот во Шпанија ќе остане слично фрагментиран.
Низ поголемиот дел од својата демократска историја, во Шпанија доминираа две партии - Социјалистичката и Народната партија.
Сепак, од 2015 година, со растот на партијата за борба против мерките за штедење Подемос, Владата стана сè повеќе фрагментирана. Низ годините, повеќе нови партии се пробија на сцената, како што се централнодесничарската Сиудаданос (Граѓани) и крајнодесничарската Вокс, со што формирањето мнозинска влада е сѐ помалку можно.
Досега шпанските политичари не успеаја да создадат нов модел на соработка што би овозможил стабилна влада.
„Неуспехот на политичките сили да формираат стабилна влада го чини многу шпанското општество“, се вели во минатонеделниот едиторијал на шпанскиот весник „Ел Паис“ (El Pais), укажувајќи на немоќта на Владата да се справи со економскиот застој и да ги спроведе потребните реформи.
Гласачкото тело станува фрустрирано. Покрај административната парализираност, секои избори чинат околу 140 милиони евра и вредното време на гласачите.
Според порталот за транспарентност „Newtral“, и покрај недонесувањето на ниту еден закон за 146 дена од својата работа, трошоците на Шпанскиот парламент, вклучувајќи ги платите, трошоците и патувањата, изнесуваат над 23,8 милиони евра.