Nur Asena Ertürk
17 Јануари 2024•Ажурирај: 18 Јануари 2024
АНКАРА (АА) - Највисокото воено тело на НАТО ќе се состане утре во Брисел за да разговара за стратешки прашања, се вели во официјалното соопштение, пренесува Анадолу.
Шефовите на одбраната на сојузничките држави ќе присуствуваат на состанокот на Воениот комитет, се вели во соопштението објавено денес.
Шведска, исто така, ќе присуствува на состанокот како поканета земја, чии преговори за приклучување кон Алијансата се во тек.
Врховниот командант на Сојузничките сили за Европа (SACEUR), генералот Кристофер Каволи, и врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација (SACT), генералот Филип Лавињ, ќе се приклучат на состанокот преку видеолинк.
Воените претставници ќе разговараат за многу теми, меѓу кои и за капацитетите за одвраќање, подготвеноста и за војната во Украина.
„На последната седница од првиот ден шефовите на одбраната ќе се сретнат за прв пат во формат на Советот НАТО - Украина. Тие ќе разговараат за агресијата на Русија врз Украина, ситуацијата на теренот и континуираната поддршка на НАТО и сојузниците за Украина“, се додава во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе присуствува на состанокот во неговиот последен дел, на кој ќе се разговара за „политичките цели и насоки пред состанокот на министрите за одбрана во февруари 2024 година и Самитот во Вашингтон во јули 2024 година“.
Воениот комитет е највисокото воено тело и најстарото постојано тело во НАТО.
Тој го советува Северноатлантскиот совет и Групата за нуклеарно планирање.