Talha Yavuz
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
СВИТЛОДАРСК (АА) – Во градот Свитлодарск во регионот на Донбас, волонтерите со помош на балони испраќат украинско знаме со цел да се солидаризираат со Украинците од регионот контролиран од проруските сепаратисти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Градот Свитлодарск е една од најблиските населби до контактната линија меѓу Украинската армија и сепаратистите.
Волонтерите со испраќање на украинското знаме, со димензии 6 × 10 метри, во регионот каде што се наоѓаат сепаратистите сакаат да покажат дека другата страна е украинска територија и дека се солидаризираат со тамошните Украинци.

Волонтерот Влад Борода во изјавата за Агенција Анадолија (AA) истакна дека ова го организираат уште од 2016 година.
„Настанот со украинско знаме го одржуваме затоа што сакаме да им покажеме на окупираните земји дека оваа ситуација е привремена и дека ќе ги вратиме териториите“, рече Борода.

- „Веруваме во победа“ -
Борода исто така додаде дека целта на настанот е да им покаже на Украинците од другата страна дека ги чекаат и дека ќе направат сѐ за да ги вратат во своите домови.
Во врска со можноста Русија да ја нападне Украина, Борода, нагласувајќи дека Русија е земја со висок воен потенцијал, рече: „Сепак, ние веруваме во победа, ако дојдат, ќе им го дадеме потребниот одговор. Сите, вклучително и пензионерите, се подготвени да го земат оружјето и да ја заштитат Украина.“
Заблагодарувајќи се на Турција за поддршката на Украина, Борода истакна дека организирале сличен настан со украински и кримско-татарски знамиња во близина на илегално анектираниот Крим од Русија.