Ekipa
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ НАТО ја покани Русија на нова рунда разговори за „да се најде дипломатски пат понатаму“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Утринава испратив писмо до министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, во кое ја повторувам мојата покана до Русија да го продолжи нашиот дијалог на серијата состаноци во Советот НАТО - Русија за да се најде дипломатски пат, рече Столтенберг на прес-конференција со британскиот премиер Борис Џонсон по нивниот состанок.
Тој ја потврди подготвеноста на НАТО да одговори на руската загриженост и да разговара за европската безбедност, но истакна дека НАТО нема да прави компромиси за основните принципи.
Појасни дека НАТО предложило меѓусебни брифинзи за вежбите и нуклеарните политики, начините за зголемување на транспарентноста и намалување на ризиците во воените активности, како и за работата на намалување на вселенските и киберзаканите.
Столтенберг предупреди дека европската безбедност се соочува со „опасен момент“, бидејќи „бројот на руските сили се зголемува“.
„Времето за предупредување за можен напад се намалува“, тврди тој, објаснувајќи дека покрај 100.000 војници собрани во Украина и околу неа, Русија ги распореди најголемите сили во Белорусија од крајот на Студената војна.
Тој нагласи дека Русија има избор меѓу дипломатско решение и конфронтација, но во вториот случај „таа ќе плати висока цена, ќе има економски санкции, ќе има зголемено воено присуство на НАТО на исток“.
Столтенберг додаде дека НАТО размислува да ја зајакне својата позиција во источниот дел на Алијансата со распоредување борбени групи во Романија и во регионот на Црното Море, слични на оние во Полска и Балтичкиот Регион.
Минатиот месец НАТО ги отфрли руските барања да ги повлече своите војници и оружје од Источна Европа и да ја запре трансатлантската интеграција на Украина во неговиот официјален одговор на нацрт-договорите што Русија им ги предаде на НАТО и САД во декември минатата година.
Воената алијанса, исто така, понуди да ги обнови нејзините соодветни канцеларии во Москва и во Брисел и ја повика Русија да започне разговори за контрола на вооружувањето.
САД, со своите европски сојузници, ја обвинија Русија дека ја подготвила сцената за инвазија на Украина, откако концентрирала повеќе од 100.000 војници и значителна артилерија и тенкови на границата.
Покрај тоа, најмалку 30.000 руски војници моментално учествуваат во заедничка воена вежба во Белорусија.
Москва негира дека се подготвува за воена офанзива и рече дека нејзините војници се на границата со Украина и Белорусија на редовни вежби.