Dildar Baykan
25 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
ЊУЈОРК (AA) - Откако блокадата на американската Влада влезе во вториот месец, Американската вселенска агенција НАСА побара од вработените сами да ги чистат тоалетите поради фактот што установата од петок веќе нема да биде во состојба да ги плаќа услугите за чистење, пренесува Anadolu Agency (AA).
Блокадата на американската Влада трае 34 дена и повеќе од 800.000 јавни службеници се принудени на неплатена работа или неплатен одмор. Известувањето кое е истакнато во еден од центрите на НАСА најдобро ја покажува состојбата на вработените во американските институции.
Американскиот весник „The Hill“ објави дека на вратата од тоалетот во вселенскиот центар на НАСА, „Џонсонс“, во американскиот град Хјустон, истакнато е известување во кое се наведува дека од петок установата нема да може да плаќа чистач и од вработените е побарано сами да ги чистат тоалетите.
Ова известување на Твитер го објави вработена во НАСА, Елизабет Блум, и ја напиша следната порака: „Ова е нашата стварност во вселенскиот центар „Џонсонс“. Работевме бесплатно за да може Меѓународната вселенска станица и понатаму делува, сега немаме услуга за чистење.“
До блокадата на американската Влада дојде поради барањето на Трамп да се издвојат средства за изградба на ѕидот на американско-мексиканската граница.
Блокадата на Владата би можела да потрае, бидејќи сè уште нема назнаки дека Трамп и демократите се спремни на заемни отстапувања и компромисно усвојување на буџетот.