Rabia İclal Turan
28 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Лидерите на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) вчера соопштија дека ќе продолжат да преземаат чекори доколку Русија не престане со својата „војна на агресија“ против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД одржаа видео-конференција со која претседаваше германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, а на која присуствуваше и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Според соопштението издадено по состанокот, тие ја осудија „руската војна на агресија против Украина, овозможена од Белорусија“.
„Г7 донесе големи и координирани санкции, вклучително и за Белорусија, бидејќи го олеснува рускиот напад“, се вели во соопштението.
Тие ја повикаа Русија „веднаш да го запре тековниот напад“.
„Русија ќе биде одговорна за секоја штета што нејзината воена агресија ќе ја нанесе на Украина и нејзиното население, како и на странските државјани, и нивниот имот“, се додава.
Нападот на Русија врз Украина влезе во својот петти ден.
Интервенцијата наиде на негодување од меѓународната заедница, при што Европската Унија, Велика Британија и САД спроведоа низа економски санкции против Кремљ.
Русија е дополнително изолирана бидејќи нејзините авиокомпании добија забрана за летање во европскиот воздушен простор, а голем број нејзини банки беа исфрлени од меѓународниот банкарски систем СВИФТ (SWIFT).