Emre Gürkan Abay
16 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
БАКУ (АА) - Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Агенција Анадолија (АА), Сердар Караѓоз, се состана со генералниот директор на Азербејџанската новинска агенција (АЗЕРТАК), Аслан Асланов.
Во текот на посетата на седиштето на АЗЕРТАК во Баку, главниот град на Азербејџан, генералниот директор Караѓоз нагласи дека двете новински агенции треба да ги здружат силите и да станат институции на кои сметаат другите агенции.
„Треба да бидеме пред другите важни светски агенции. Произведуваме содржини од целиот свет и можеме да ги сервисираме во која било земја“, рече Караѓоз.
Истакнувајќи дека повеќето вести на меѓународните агенции се произведуваат во региони блиски до Турција и Азербејџан, Караѓоз рече: „Мораме да го претвориме нашето присуство на ова подрачје во предност. Азербејџан за нас е многу посебна земја. АА и АЗЕРТАК треба да ги здружат силите и да станат институции на кои сметаат другите агенции. Како АА и АЗЕРТАК, мора дополнително да го зајакнеме нашиот сојуз“, рече Караѓоз.
Објаснувајќи дека АА и ТРТ до целиот свет ја пренесоа праведната борба на Азербејџан за време на 45-дневната војна во Нагорно Карабах, Караѓоз рече дека со вистински вести, фотографии и видеа на светот му се пренесени случувањата во тоа подрачје.
„Ќе продолжиме да објавуваме што се случува таму. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган отсекогаш бил покрај Азербејџан“, рече Караѓоз.
Според неговите зборови, светот го набљудува братството на Азербејџан и Турција.
„Се надевам дека можеме понатаму да ја развиваме соработката меѓу нашите институции низ ова братство. Нека нашата соработка биде пример меѓу нашите агенции“, истакна Караѓоз.
Асланов го информира Караѓоз за активностите на АЗЕРТАК.
„Лицето на азербејџанскиот народ е свртено кон Турција, која секогаш го поддржува со сите свои институции“, рече Асланов.
Тој смета дека размената на искуства меѓу турските и азербејџанските институции треба дополнително да се зголеми.