Fatjon Cuka
27 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
ТУМАНА (АА) - Семејствата од административната единица Тумана во округот Драч, Албаниија, чии домови беа целосно уништени или оштетени од земјотресот што ја погоди Албанија на 26 ноември, се засолнети во шатори, додека продолжува делењето помош од разни институции и организации од Албанија, Турција и други земји, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ајшеѓул Ердал Јорук, сопругата на турскиот амбасадор во Тирана, Мурат Ахмет Јорук, денес дистрибуираше помош за жителите на Тумана, помагајќи им на семејствата погодени од земјотресот.
Таа ги посети шаторите каде што се сместени семејствата, поделувајќи храна, вода, пијалоци и други потребни средства.
Во меѓувреме, жителите за Агенција Анадолија (АА) ги раскажаа првите моменти по земјотресот и тешкотиите што ги доживеале додека ги напуштале домовите за време на потресот.
Хатије Ѓока од Тумана вели дека успеале да го напуштат нивниот дом откако го почувствувале земјотресот, а нејзиното семејство од петмина членови ја поминало ноќта во шатор.
„Беше 04:00 часот наутро, почуствувавме многу силен земјотрес. Станавме да излеземе сите надвор, но вратите првично не можеа да се отворат, но Бог ни помогна, успеавме да ги отвориме, и излеговме како што бевме облечени“, рече Ѓока.
Леш Леши, друг жител на Тумана, за АА кажа дека неговата куќа е целосно уништена.
„Куќата од 120 квадратни метри е целосно уништена. Во шаторот сме три лица. Јас заедно со мојот син и сопруга“, рече тој.
Ситуацијата е полоша за децата и лицата со посебни потреби. Меги Чупи, жителка на Тумана, вели дека била загрижена за судбината на нејзиниот брат со посебни потреби.
„Целата фасада, сите тули почнаа да паѓаат врз нашите глави, на нашето тело, имаме повреди. Брат ми е неподвижен, ситуацијата беше многу драматична, вистински хорор. Во зградата веќе не може да се живее, таа е уништена“, раскажа Чупи.
Во меѓувреме, операциите за пребарување и спасување во подрачјето погодено од земјотресот продолжуваат и денес. Според првичните податоци на албанското Министерство за одбрана, бројот на жртви достигна 27, додека според Министерството за здравство и социјална заштита, на 658 повредени од земјотресот им била укажана лекарска помош во болница.