Bahattin Gönültaş
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - По ублажувањето на мерките воведени против Ковид-19, сè повеќе луѓе во светот повторно сакаат да патуваат, но аеродромите и авиокомпаниите во Европа истовремено се соочуваат со недостиг на персонал пред летните одмори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Веќе со недели многу аеродроми и авиокомпании во Германија и некои европски земји се соочуваат со проблеми поради недостиг на персонал. Токму поради оваа причина сè почесто доаѓа до откажување и доцнење на летовите.
Во Германија компаниите се обидуваат да пронајдат решение за овој проблем во пресрет на уште поинтензивните патувања во текот на летото.
Според Синдикатот на услуги во Германија (Ver.di), најголемите аеродроми како што се Франкфурт, Хамбург или Берлин се соочуваат со потешкотии поради недостаток на персонал во своите услужни подрачја како што се безбедносна контрола или чекирање.
Некои германски политичари како решение предлагаат и федералната полиција да учествува во пружањето услуги на аеродромите.
Како што наведуваат германските медиуми, авиокомпанијата Луфтханза во јули ќе мора да откаже 900 летови во Минхен и Франкфурт ако не се пронајде решение за недостатокот на персонал.
Германскиот сојуз за воздушен транспорт (BDL) упати предлог до сојузното Министерство за труд за укинување на законските пречки.
„Недостасуваат 2.000 луѓе во областа на пружање услуги. Доведувањето вработени од странство го гледаме како начин на краток рок да се задоволи потребата за персонал“, се наведува во предлогот.