Ayhan Şimşek
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
БЕРЛИН
Германија ја повика Русија да ја спроведе својата реторика во практика и да го искористи своето влијание врз Белорусија за да стави крај на мигрантската криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за новинарите во Брисел, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, претпазливо зборуваше за понудата на рускиот претседател Владимир Путин, за помош во решавањето на кризата на границите на Европската Унија (ЕУ).
„Путин секако е оној кој може едноставно да го искористи своето влијание врз Лукашенко и да стави крај на овој навистина нечовечки обид“, рече тој, обвинувајќи ја Белорусија за користење на мигрантите како политичко средство за да врши притисок на ЕУ.
„Ако Путин може да обезбеди помош, тогаш тој треба да го стори тоа. Тој не треба да зборува само за тоа, туку да ги претвори своите зборови во дела“, додаде тој.
Тензиите помеѓу земјите членки на ЕУ и Белорусија ескалираа минатата недела откако стотици мигранти, повеќето од земјите од Блискиот Исток, се упатија кон западната граница на земјата со Полска, и се обидоа да ги пробијат бариерите.
Полска го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко за вклучување во форма на „хибридна војна“ и користење на мигрантите како оружје за дестабилизирање на европските држави.
Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли тврдењата дека Кремљ ја дизајнира неодамнешната мигрантска криза, кажувајќи дека Москва е спремна да ги олесни напорите за решавање на проблемот.
„Ние сме спремни да помогнеме во решавањето на ситуацијата ако има нешто што можеме да направиме“, рече тој за државниот канал „Росија-1“ на 13 ноември.