Cüneyt Karadağ
21 Октомври 2019•Ажурирај: 22 Октомври 2019
БЕРЛИН (АА) - Министерката за одбрана на Германија, Анегрет Крамп Каренбауер, предложи формирање на меѓународно контролирана безбедносна зона во северниот дел на Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на Христијанската демократска унија на Германија, а воедно и министерка за одбрана на оваа земја, Каренбауер, во изјава за германската новинска агенција ДПА истакна дека предложиле формирање на меѓународно контролирана безбедносна зона во северниот дел на Сирија, додавајќи дека германската канцеларка Ангела Меркел дала одобрение за овој предлог и дека истиот е пренесен и до сојузниците од Западот.
Каренбауер рече дека овој предлог ќе го актуелизираат за време на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО кој ќе се одржи во четвртокот во Брисел и истакна дека оваа иницијатива е логична за Европа.
„Одговорот на прашањето какво ќе биде ова решение, лежи во формирањето на меѓународно контролирана безбедносна зона со цел намалување на тензијата таму, вклучувајќи ја и Турција и Русија. Имаме цел да ја продолжиме борбата против тероризмот и против терористите на ДЕАШ“, нагласи Каренбауер, додавајќи дека една друга цел е продолжување на новозапочнатиот уставен процес.
Каренбауер истакна дека овие предлози треба да бидат прифатени и од страна на германското Федерално собрание (Бундестаг).
Според неа, состојбата во Сирија сериозно ги погодува безбедносните интереси на Европа и Германија.