Ekip
21 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
БЕРЛИН (АА) - Федералното обвинителство на Германија објави дека е уапсен 18-годишниот германско-руски државјанин поради сомнеж дека го извршил бомбашкиот напад на автобусот во којшто се превезуваа фудбалерите и стручниот штаб на фудбалскиот клуб Борусија Дортмунд, пред натпреварот со Монако во Лигата на шампионите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во нападот што беше извршен минатиот вторник во Дортмунд, повредени се Марк Бартра, фудбалер на Борусија, и еден полицаец кој беше во придружбата на автобусот.
Инспекторите на местото на нападот пронајдоа писма коишто укажуваат на тоа дека нападот е извршен во име на ДЕАШ, но наскоро се посомневаа и во нивната автентичност.
Федералното обвинителство во соопштението наведе дека осомничениот е идентификуван како Сергеј В., уапсен денес на подрачјето на Тибинген.
Се истакнува дека осомничениот дејствувал поради финансиски мотив, мислејќи дека вредноста на акциите на Борусија Дортмунд ќе падне по нападот.
„Милионерите“ се елиминирани во четвртфиналето на Лигата на шампионите, бидејќи Монако славеше на двата натпревара. Натпреварот на стадионот „Весфален“ заврши со 3:2 за францускиот претставник, а реваншот одигран оваа среда заврши со 3:1.