Ayhan Şimşek
28 Октомври 2022•Ажурирај: 30 Октомври 2022
БЕРЛИН (АА) - Светот преминува во фаза на конфронтација, а на Германија ѝ претстојат тешки години, изјави денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој предупреди на тешките последици од Руско-украинската војна, наведувајќи дека Германија ќе мора да се соочи со нови предизвици и ја повика јавноста на солидарност во соочувањето со тековните кризи.
„Пресвртната точка во историјата беше 24 февруари“, рече Штајнмаер, мислејќи на почетокот на руската војна против Украина, додавајќи дека војната стави крај на ерата на мирот и стабилноста од која Германците многу профитираа.
„Со својата империјална опсесија, рускиот претседател [Владимир Путин, заб. на авт.] го прекрши меѓународното право, ги оспори границите, ја украде земјата. Рускиот напад е напад на сите лекции што светот ги научи од двете светски војни.“
Штајнмаер истакна дека последиците од војната, новите безбедносни закани, енергетската криза и инфлацијата го доведоа во прашање успешниот економски модел на Германија.
„Верувам дека многу грижи се оправдани. Ја преживуваме најдлабоката криза од обединувањето на Германија“, нагласи германскиот претседател.
Тој рече дека Германија ќе ја намали зависноста од рускиот гас и нафта и ќе се приспособи на новите предизвици со преземање на потребните чекори, но дека нема да ги прекине напорите за унапредување на меѓународниот дијалог и соработка.
„Нова блоковска конфронтација, поделба на светот на „ние против нив“ не е во наш интерес“, нагласи Штајнмаер и продолжи:
„Да, мора да ја намалиме нашата ранливост, да ја намалиме зависноста од една страна, но тоа не значи помало вмрежување со светот, туку поголемо.“