ВАШИНГТОН (АА) - Првиот советник за безбедност и разунавачки работи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, пензионираниот генерал Мајкл Флин, изјави дека САД треба да ја ревидираат надворешната политика и да ја прифатат Турција како еден од приоритетите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Флин, чие име се споменува како една од можните опции за министер за одбрана во идната администрација на Трамп, за порталот „Д’ Хил“ напиша колумна под наслов „Нашиот сојузник Турција е во криза и потребна ѝ е нашата поддршка“.
Тој истакна дека администрацијата на американскиот претседател Барак Обама не ја сфатила доволно Турција, и дека САД треба да ја ревидираат својата надворешна политика, во која Турција ќе ја прифатат како еден од приоритетите.
„Во новата ера на надворешна политика на САД, мора да се даде значење на Турција. Турција во прв ред мораме да ја сфатиме како земја од клучно значење за интересите на САД“, изјави Флин и додаде дека Турција е најсилен сојузник во борбата против терористите на ДЕАШ во Сирија и во Ирак и оти претставува извор на стабилност во тој регион.
Флин укажа на кризите што се присутни на глобалната сцена, и рече дека денес прво мора да се утврдат вистинските пријатели во светот.
Тој изјави дека САД не би требало да бидат засолниште на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО.
„Станува збор за извор на маскиран тероризам и дестабилизација, кој лежерно се смести на периферијата на Пенсилванија, а нелогично е тој да ги замачкува очите на Вашингтон и така да се блокира нашиот сојузник од НАТО, Турција. Од турски аспект, Вашингтон е средиште на турскиот Бин Ладен. Што би сториле ние доколку по нападот на 11 септември, Бин Ладен се сместеше во некое убаво турско село и од таму да води 160 образовни институции коишто се финансираат со фондовите и парите на даночните обврзници“, изјави Флин.
Тој исто така истакна дека во тек е истрагата против 160 образовни установи во САД кои се поврзани со ФЕТО.
Флин навести дека новото американско раководство предводено од Трамп би можело на друг начин да пристапи кон турското барање за испорака на Ѓулен, а во колумната наведе дека Ѓулен се претставува како умерен човек, но дека неговото вистинско лице е поразлично од тоа.
Пензионираниот генерал Флин 33 години служеше во војската на САД, а во периодот од 2012 до 2014 година ја извршуваше должноста директор на Агенција за разузнавање на Министерството за одбрана на САД (ДИА). Иако е член на Демократската партија, на претседателските избори во САД го поддржа претседателскиот кандидат Доналд Трамп. Флин се смета за советник на Трамп за блискоисточните прашања.
news_share_descriptionsubscription_contact
