Derya Gülnaz Özcan
07 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
АТИНА (АА) - Грција ќе се обрати до Меѓународниот кривичен суд за да се истражат воените злосторства во Мариупол, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, за новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел изјави дека во Мариупол живеат над 100.000 Украинци со грчко потекло.
„Грција ќе побара од Меѓународниот кривичен суд во Хаг да ги истражи воените злосторства извршени во Мариупол“, рече Дендиас.
Тој додаде дека ќе побара поддршка од своите колеги во НАТО-сојузот за да ѝ помогне на Украина да ја заштити Одеса.
Според него, тоа може да се постигне со испраќање на потребните „средства“ во Украина за заштита на градот.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што западните земји и нивните сојузници спроведуваат строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.563 цивили се убиени во Украина, 2.213 се повредени, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,27 милиони Украинци побегнале во други земји, а уште милиони се внатрешно раселени.