Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
19 Декември 2024•Ажурирај: 21 Декември 2024
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денес предупреди на ризиците од вештачката интелигенција (АИ), повикувајќи на меѓународна акција за спречување на злоупотреба, особено во глобалниот мир и безбедност, известува Анадолу.
„Вештачката интелигенција не само што го преобликува нашиот свет, туку и го револуционизира. Задачите за кои некогаш бараа години човечка експертиза, сега се завршуваат за миг. Но, ризиците се исто толку големи“, рече Гутереш на состанокот на Советот за безбедност на ОН.
Тој предупреди дека брзиот развој на вештачката интелигенција ја надминува нашата способност да управуваме со неа - поставувајќи фундаментални прашања за одговорноста, еднаквоста и безбедноста.
„Вештачката интелигенција без човечки надзор би го оставила светот слеп, а можеби и опасен и непромислен за глобалниот мир и безбедност“, рече Гутереш.
Истакнувајќи дека вештачката интелигенција веќе им помага на регионите погодени од конфликти преку идентификување на несигурноста на храната, предвидување на раселување и отстранување на мини, Гутереш изрази загриженост од нејзината употреба во војувањето.
„Неодамнешните конфликти станаа полиња за тестирање за воената примена на вештачката интелигенција“, рече Гутереш, опишувајќи ја интеграцијата на вештачката интелигенција со нуклеарното оружје како ‘особено алармантна’ и предупреди на потенцијално катастрофалните последици.
„Мораме да го избегнеме тоа по секоја цена“, рече Гутереш.
Истакнувајќи ја важноста од одржувањето на човечка контрола при одлучувањето, шефот на ОН рече:
„Да бидеме јасни, судбината на човештвото никогаш не смее да се остави на ‘црната кутија’ на алгоритмот“, и повика на почитување на меѓународните закони и етички принципи.
Гутереш, исто така, предложи формирање на меѓународен научен панел за вештачка интелигенција и започнување на глобален дијалог за управување со вештачката интелигенција.
„Членовите на овој Совет мора да бидат пример и да обезбедат конкуренцијата околу новите технологии да не го дестабилизира меѓународниот мир и безбедност. Ве повикувам сите вас да ги здружиме силите за да изградите сигурна, заштитена и инклузивна иднина со вештачка интелигенција“, заклучи Гутереш.