Gökhan Kurtaran,Betül Yürük
24 Јануари 2016•Ажурирај: 25 Јануари 2016
ДАВОС (АА) - Во швајцарскиот град Давос синоќа заврши тридневниот Светски економски форум кој помина во знакот на разговорите и предлозите за насоките за решавање на бегалската криза, проблемот на глобалните терористички закани во светот и кипарското прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Над 2.600 учесници на 46-тиот Форум, меѓу кои и претседателите и лидерите на влади од 40 земји, разговараа и за низа други актуелни прашања, како падот на цената на нафтата, климатските промени и современите технолошки достигнувања.
Европските лидери, како на официјалните сесии на Форумот, така и на билатералните средби на маргините на Форумот, најчесто разговараа за решавањето на бегалската криза и неопходноста од заедничка соработка по тоа прашање.
Премиерот на Република Турција, земја која е најмногу погодена од бегалскиот бран од Сирија и Ирак, Ахмет Давутоглу, рече дека бегалската криза е глобален проблем и дека обврска на меѓународната заедница е преку соработка да го реши тоа прашање со воспоставување на мир во со војна зафатените земји.
"Ние не ги сакаме парите од Евоската унија, ниту преговараме за парите. Сметаме дека решение на бегалската криза и грижата за бегалците е хуманитарно прашање и човечка обврска", порача Давутоглу.
Учесниците на Форумот изминатите денови нагласуваа дека е неопходно воспоставување на заедничка соработка и механизми за интеграција на мигрантите во општеството, што е оценето како потенцијал за економски раст во Европа.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММF) Кристин Лагард рече дека иднината на Шенгенот зависи од решавањето на бегалската криза и дека бегалците во Европа можат да придонесат за економскиот прогрес.
Сличниот став го повтори и челникот на Европската централна банка Марио Драги, кој рече дека бегалската криза мора да се претвори во можност за прогресивен напредок.
Германскиот претседател Јоаким Гаук порача дека грижата за бегалците е човечка одговорност и дека тоа ќе изискува одредени средства, но дека тие средства можат да се претворат во нов можност за економски раст.
Кипарското прашање беше една од поактивните теми во Давос, а лидерот на Северен Кипар, Мустафа Акинџи и лидерот на Јужен Кипар Никос Анастизијадис, за прв пат се сретнаа токму во Давос, на една меѓународна платформа. Истакнаа дека заеднички работат на обединувањето на Кипар на база на рамноправноста на неговите територијални и етнички фактори. Заедничката фотографија на лидерите од Кипар привлече најголемо внимание од сите случувања во текот на Форумот во Давос, а одредени медиуми ја потпишуваа со најавата "кипарска пролет", алудирајќи на реформските процеси и решавање на повеќедеценискиот спор.
Главната тема на Форумот беше "Четвртата индустриска револуција", а признание за борбата за зачувување на околината му е доделено на популарниот актер Леонардо ди Каприо. Тој при преземањето на наградата ги обвини компаниите кои се занимаваат со производство на нафта, гас и јаглен дека се "лакоми".
Прашањата за борбата против еболата и другите заразни болести во Сирија, актуелната криза на Блискиот Исток, запирањето на војната во Сирија и борбата против ДАЕШ беа теми на скоро сите средби на дипломатите во Давос.
Шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф од Давос испрати порака дека Техеран е подготвен за преговори со Саудиска Арабија и дека нивниот актуелен спор е можно да се реши исклучиво по дипломатски пат. Порача дека Иран ќе ги одржи сите ветувања содржани во нуклеарниот договор.
Уште една од изјавите која ја привлече светската јавност е и објавата на израелскиот премиер Бенјамн Нетанјаху дека Израел сака сериозно да пристапи во процесот на нормализација на односите со Турција.
Форумот во Давос и оваа година помина со остри мерки на безбедност во што беа вклучени над 4.5000 полицајци.