Betül Yürük
21 Јануари 2016•Ажурирај: 22 Јануари 2016
ДАВОС (АА) - Турскиот премиер Ахмет Давутоглу, денеска во Давос рече дека Турција ја плаќа највисоката цена за кризата во Сирија и Ирак и поради неефикасноста на Советот за безбедност на Обединетите нации во решавањето на овие проблеми, додавајќи дека неговата земја има право да изврши притисок на меѓународната заедница за решавање на кризата и дека никој нема право да изврши притисок врз Турција, јавува Anadolu Agency Агенција (АА).
Во рамките на 46-от Светски економски форум (СЕФ) во Давос денес на програмата е "Гобалната улога на Турција", а непосредно пред почетокот на седницата се обрати шефот на турската влада Давутоглу кој нагласи дека и оваа година на дневен ред на на Форумот во Давос, освен бегалската криза е и борбата против тероризмот и економската криза.
Давутоглу рече дека утрово се сретнал со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун со кого разговарале за Светскиот хуманитарен самит кој наскоро ќе се одржи во Истанбул, додавајќи дека Турција е земја која примила најголем број на бегалци во светот и дека решението на бегалската криза е можно само во соработка на меѓународната заедница.
Истакнувајќи дека тероризмот е закана за целото човештво, Давутоглу рече дека никој во светот не може да остане рамнодушен кон овој проблем.
"Пред две недели се случи терористички напад во Истанбул. Во Париз претходно се случи ужасен напад. Затоа е потребно да се подигне свеста на целиот свет за неопходноста од бората за решавање на проблемот на тероризмот и на бегалската криза. Турција тоа го прави. И тука во Давос таа борба е една од темите на разговорите", рече Давутоглу.
Коментирајќи ја глобалната економска криза, Давутоглу изрази надеж дека светските настани како овој во Давос ќе придонесат за што поскоро решавање на големи економски проблеми на невработеноста и инфлацијата.
На новинарското прашање дали САД врши притисок врз Турција за подобра заштита на својата граница со Сирија, Давутоглу рече дека Турција и САД тесно соработуваат во борбата против тероризмот сакајќи да најдат политичко решение за кризата во Сирија и Ирак, но дека меѓу сојузниците не може да има притисоци.
Истакнувајќи ги извештаите кои покажуваат дека скоро половина од населението во Сирија е раселено, дека стотици илјади луѓе се убиени, Давутоглу предупреди дека милиони бегалци продолжуваат да пристигнуваат во Турција и Европа, додека се реши тамошната криза.
"Пронаоѓање на решение за кризата во Сирија е наша одговорност, на меѓународната заедница, но првиот чекор треба да биде направен од Советот за безбедност. Досега Меѓународната заедница беше неуспешна. Се надеваме дека во наредниот период ќе се постигне политичко решение", рече Давутоглу, додавајќи дека пред претстојните преговори мора да се изврши притисок врз режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад да престане со практиката на блокирање на хуманитарните коридори, злосторствата во Mадаја, бомбардирање на цивили со барел-бомби и употреба на хемиско оружје.
Одговарајќи на новинарското прашање дали Турција ќе ги затвори своите граници за бегалците, Давутоглу рече дека официјална Анкара води политика на отворени врати за бегалците и дека тоа е нејзината историска традиција.
"Од друга страна, ние се бориме против терористите. Против терористите војува умерената сириска опозиција, но таа опозиција за жал ја напаѓаат руските авиони. Поради тоа, ние мора да се бориме против тероризмот, но и против режимот кој убива цивили", изјави Давутоглу.