ДАВОС (АА) - Со обраќањето на кинескиот претседател, Си Ѓинпинг, во Давос започна 47. Светски економски форум, кој ќе се одржува до 20 јануари во овој швајцарски град, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот присуствуваат повеќе од три илјади бизнисмени, политичари, академици и претставници на невладините организации од повеќе од 100 земји.
Кинескиот претседател Си зборуваше за глобализацијата и потсети дека науката и технологијата напредувале и оти степенот на цивилизација е поголем.
„Живееме во свет на спротивности. И покрај сиот овој позитивен напредок, на неизвесноста се додадени регионалните судири, тероризмот, мигрантите, сиромаштијата, невработеноста и нееднаквата распределба на приходите“, истакна Си.
Тој потсети дека за проблемите и хаосот што се случува во светот, одредени лица ја обвинуваат економската глобализација.
Претседателот на Кина додаде дека економската глобализација не е причина за значајните проблеми со кои се соочува светот и оти со постигнувањето мир и со договори, можно е да се решат проблемите во Африка и на Блискиот Исток, кои се причина за мигрантскиот бран.
Исто така, Си истакна дека економската глобализација не е одговорна за меѓународната финансиска криза, туку дека причина за тоа се финансиските пазари.
Тој потсети дека економската глобализација придонесува за раст, за проток на робата, комуникацијата, науката, технологијата и за цивилизацијата.
„Економската глобализација предизвика нови проблеми, но поради тоа не можеме да ја избришеме глобализацијата. Треба да се приспособиме на глобализацијата, да ги ублажиме нејзините негативни влијанија и на сите народи и земји да им ги пренесеме придобивките од неа“, порача Си.
Тој потсети дека и Кина имала сомнеж кога станува збор за економската глобализација, но дека со исправни стратешки избори и храбри чекори излегла на глобалниот пазар.
Тој зборуваше и за протекционизмот, економската политика на заштита на производството. Во однос на тоа укажа дека не треба да се бега од проблемот.
„Треба да се воспостави рамнотежа за луѓето и земјите да почувствуваат корист од економската глобализација“, нагласи претседателот на Кина.
Исто така, тој смета дека глобалниот финансиски пазар треба да биде поотпорен на ризици.
Давос за првпат е домаќин на највисокиот државен врв на Кина, придружуван од делегација која брои повеќе од 100 члена.
На самитот посветен на темата за одговорно лидерство ќе бидат организирани повеќе од 400 сесии.
На Светскиот економски форум ќе се разговара за многу актуелни прашања, меѓу кои се судирите во светот, првенствено во Сирија. Фокусот на овогодишниот самит ќе биде на јакнењето на деловната соработка, заживување на економскиот раст, економските реформи и други теми.
Се очекува да присуствуваат 30 претседатели и премиери. Си Ѓинпинг е првиот кинески претседател кој учествува на самитот. Покрај кинескиот претседател, присуствуваат и премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, потпретседателот на САД, Џо Бајден, претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, претседателот на Украина, Петро Порошенко, и заменичката на рускиот премиер, Олга Голодетс.
Освен тоа, планирани се и многу билатерални состаноци на лидерите што ќе присуствуваат на самитот.
На Светскиот економски форум присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, генералниот директор на Светската трговска организација (WTO), Роберто Азеведо, претседателката на ММФ, Кристин Лагард, претседателот на Меѓународната агенција за енергија (IEA) Фатих Бирол, високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, генералниот директор на Меѓународната организација за миграции (IOM), Вилијам Лејси Свинг и многумина други.
Во Давос се преземени високи мерки на безбедност, полициските хеликоптери летаат над градот, а швајцарските припадници на безбедносните сили вршат проверки. Поради можноста за протести на заговорниците на антиглобализацијата, откажан е железничкиот сообраќај на релација Давос-Цирих.