Şeyma Uzundere
15 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
АНКАРА
Два индиски војника ги загубија животите во судирите меѓу бунтовниците и силите за безбедност во индискиот регион Џаму и Кашмир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите што ги објави „Хиндустан тајмс“ (Hindustan Times), вчера загинале два војника, од кои еден подофицер во операциите во шумската област Нар Кас во Мендар.
Во последните денови во подем се насилствата во регионот. Од почетокот на годината досега, во оружени напади животот го загубија 28 лица, од кои 21 муслиман, а полицијата, која го зголеми притисокот врз регионот, приведе речиси 1.000 луѓе.
Во судирите на 11 и 12 октомври загинаа пет војници, а неутрализирани беа седум бунтовници.
- Проблемот во Кашмир
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, кои по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои кон Пакистан. Тогашниот управник сепак одлучи Кашмир да го припои кон Индија. Од добивањето независност од Британија во 1947 година досега, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.
Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во првата војна за Кашмир, а потоа повторно војуваа во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина, 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствената доминантно муслиманска сојузна територија во Индија.
Со одлуките на Советот за безбедност на ОН донесени од 1948 година досега се предвидува демилитаризација на Кашмир, а неговата иднина да се утврди со референдум.
Додека Индија искажува став против референдум, Пакистан е за спроведување на резолуциите на ОН.