Ömer Tuğrul Çam
08 Октомври 2021•Ажурирај: 09 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Дванаесет земји членки на Европската Унија (ЕУ) испратија заедничко писмо до Комисијата на ЕУ, во кое бараат границите на ЕУ да се зајакнат со „физички бариери“ против имигрантите и правната рамка во Европа да се приспособи на „новата реалност“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министрите одговорни за внатрешни работи или имиграција на Грција, Австрија, Унгарија, Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Литванија, Летонија, Грчката администрација на Јужен Кипар, Словачка и Полска, потпишувајќи заедничко писмо, го упатија до потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас и одговорната за внатрешни работи на Комисијата на ЕУ, Илва Јохансон.
Писмото, објавено од веб-страницата „Politico“, не е потпишано од Франција, Германија и Шпанија, кои примиле најголем број барања за азил.
Во писмото се нагласува дека Европа треба „да ја усогласи постојната правна рамка со новата реалност“.
Истуркувањата, кои беа прикажани на вестите на некои европски медиуми, во писмото не се споменати. Според веста на „Politico“, некои дипломати истакнале дека предлогот за „усогласување на правната рамка“ е повик за „истуркувањата да бидат легитимни“.
Министрите на 12 земји членки на ЕУ изјавија дека правото на ЕУ треба да им дозволи на земјите членки „да дејствуваат брзо и пропорционално против заканата“, со цел да ја обезбедат нивната национална безбедност и безбедност на ЕУ.
Во писмото се наведува дека надзорот на границата не може да ги спречи во практика обидите на имигрантите илегално да ги преминат границите, затоа надзорот и инспекциите на границата треба да се зајакнат со „други превентивни мерки“.
„Физичките бариери се ефективна мерка за заштита на границите“, се вели во писмото, и се додава: „Оваа легитимна мерка треба да добие средства од буџетот на ЕУ, и треба да има приоритет.“
Министрите за внатрешни работи на земјите од ЕУ денеска се состануваат во Луксембург. На агендата на министрите се прашања како што се зајакнување на границите на ЕУ, како ќе се контролираат имигрантите кои пристигнуваат на границата и промените на миграциските патишта.