Necva Taştan Sevinç
23 Декември 2025•Ажурирај: 24 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Двајца рудари го загубија животот по ерупција на метан во рудник за јаглен во јужна Полска, соопштија властите денес, јавува Анадолу.
Инцидентот се случил во рудникот Пњовек, во рударскиот регион на Шлеска, во новоископан тунел на длабочина од околу 1.000 метри, што претставува едно од најдлабоките активни нивоа во рудникот, објави „ТВП Ворлд“.
Според државната компанија „Јастжембска Спулка Венглова“ (JSW), која управува со рудникот, сензорите регистрирале ненадејно ослободување на метански гас измешан со карпеста маса нешто по 17 часот по локално време.
Во моментот на несреќата, во тунелот работеле десет рудари со машина за ископување со голем капацитет. Осуммина успеале самостојно да се повлечат, додека со двајца работници бил изгубен контактот.
Тимовите за спасување пребарувале околу шест часа, по што ги пронашле исчезнатите рудари. Лекар на самото место констатирал смрт кај двајцата.
Загинатите биле на возраст од 40 и 41 година и имале повеќе од 10 години работно искуство во рударството, соопшти компанијата.
Со оваа трагедија, бројот на загинати рудари во Полска оваа година се искачи на 15, од кои 12 во рудници за јаглен, покажуваат податоците од индустријата.
Рудникот Пњовек важи за еден од најподложните на метан во земјата, што значително го зголемува ризикот од подземни експлозии.
Назначена е специјална комисија која ќе ги истражува причините и околностите на несреќата.
Полскиот премиер Доналд Туск преку социјалната мрежа X изрази сочувство до семејствата на загинатите, наведувајќи дека раководството на компанијата го уверило оти на блиските им се обезбедува психолошка и финансиска поддршка.
И министерот за енергетика Милош Мотика упати сочувство и вети помош за семејствата на настраданите.