Haydar Hadi
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
МОСУЛ (АА) - Припадниците на терористичката организација ДЕАШ кои во 2014 година зазедоа третина од територијата на Ирак, во текот на три години изгубија контрола врз речиси 80 проценти од подрачјата, јавува Anadolu Agency (AA).
И покрај акцијата на ирачките сили започната пред седум месеци со воздушна поддршка на коалициските сили предводени од САД, терористичката организација сѐ уште има контрола над одредени подрачја во западниот дел на Мосул и на Тал Афар.
Ирачките сили пред четири месеци успеаја целосно да го ослободат источниот дел на Мосул, а акциите против терористите и понатаму траат во западниот дел на градот. Во рамките на акцијата покрената на 17 октомври 2016 година, ослободен е поголемиот дел од Мосул.
Припадниците на терористичката организација ДЕАШ во текот на акциите во Мосул изгубија многу места од стратешко значење, меѓу кои се и аеродромот во Мосул, воениот камп „Гизлани“, и Центарот за дистрибуција на електрична енергија „Јермук“.
Под контрола на ДЕАШ во моментов се Тал Афар, Ијазије, Хавиџа, која зазема значаен дел од Киркук, потоа Каим, Рава и Анах во Анбар.
Во регионот Стар Мосул како и во неколку населби кои му припаѓаат на тој регион, судирите со припадниците на терористичката организација ДЕАШ и понатаму траат.
Ирачките сили претходно соопштија дека уништиле многу магацини со оружје во близина на џамијата Нур во Мосул, каде што водачите на ДЕАШ прогласија таканаречен калифат.
Меѓутоа, припадниците на ирачките безбедносни сили не успеаја да го реализираат планот за целосно ослободување на западниот дел на Мосул пред Рамазан.
„Нашиот напредок во регионот Стар Мосул ДЕАШ во голема мера го оневозможува со снајперисти. Поради тоа доаѓа до потешко одвивање на операцијата и трае подолго од предвиденото време", изјави висок командант на ирачката војска, кој не сакаше неговиот идентитет да биде објавен во јавноста.
Во акцијата на ослободување на Мосул покрај војската и полицијата учествуваат и вооружените сили на милицијата Хашди ал-Шаби, која ја поддржува Иран.
Ирачкиот премиер, Хајдер ал-Абади, неодамна изјави дека припадниците на Хашди ал-Шаби стигнале на ирачко-сириската граница.
Во подрачјата на западниот дел на Мосул, кои се наоѓаат под контрола на ДЕАШ, живеат меѓу 150.000 и 200.000 цивили. Ирачките сили настојуваат да отворат безбедносни коридори за евакуација на цивилите.