Selen Temizer
20 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
БРИСЕЛ (АА) - Белгија денес им оддава почит на жртвите од поплавите што ја погодија земјата во претходните денови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Точно напладне се огласија сирените, а граѓаните со едноминутен молк им оддадоа почест на трагично настраданите сограѓани.
Знамињата се спуштени на половина копје.
Почит оддадоа и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, и амбасадорите на 27-те земји членки на Европската Унија, кои се собраа во зградата на Советот.
И во Вервие, еден од најпогодените градови од поплавите, им беше оддадена почест на жртвите во поплавите.
На комеморацијата присуствуваа и кралот Филип, премиерот Александар де Кро, министерот за внатрешни работи Анелис Верлинден, гувернери, градоначалници, претставници на пожарникарската служба, брзата помош и службеници на Цивилната заштита.
Најмалку 31 лице загинаа во поплавите што ја погодија Белгија. Денешниот ден е прогласен за Ден на жалост.