Selen Temizer
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Во Брисел, главниот град на Белгија, илјадници работници маршираа, протестирајќи поради законот со кој се ограничува зголемувањето на платите и поради зголемените трошоци за живот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Работниците од различни градови во земјата се собраа пред Северната железничка станица во Брисел и маршираа до Централната станица.
Демонстрантите, облечени во зелени и црвени шапки, маски и палта, и со знаменца што ги претставуваат нивните синдикати, маршираа по широките улици затворени за сообраќај.
Тие протестираа поради законот од 1996 година кој спречува зголемување на платите на работниците повеќе од одредениот процент во самиот закон.
Законот е познат како „Закон 96“, бидејќи е донесен во 1996 година, ја одредува максималната стапка на зголемување од 0,4 отсто, па затоа работодавачите не можат да ги зголемат платите над оваа граница.
Демонстрантите истакнаа дека оваа стапка е недоволна, особено имајќи ги предвид потешкотиите и инфлацијата доживеани за време на епидемијата на Ковид-19.
Илјадници работници носеа транспаренти со натписи: „Сè се покачува само нашите плати не“, „Погрижете се да го промените законот“ и „Синдикален отпор“.
Членот на синдикатот, Вернер ван Хетфелде, за Агенција Анадолија изјави: „Луѓето повеќе не можат да си дозволат да купат многу работи. Еден од најголемите проблеми се енормно зголемените цени на енергијата.“
Посочувајќи дека Владата оневозможува синдикатите да преговараат со работодавачите, Ван Хетфелде рече: „Другата причина поради која сме тука е тоа што синдикалните работници кои ги организираа демонстрациите беа казнети во претходните демонстрации. Ние сме тука затоа што имаме право на протест.“
„Сите сме собрани овде затоа што сакаме да го браниме нашето право на протести и штрајк. Сакаме поголеми приходи за зголемување на нашата куповна моќ“, рече Матилде Делсоар, исто така член на синдикатот.
Мехмет Демир, Турчин кој живее во Белгија, истакна дека е синдикален член и дека протестираат поради ограниченото зголемување на платите од 0,4 отсто.
Стефани Бушат, исто така, додаде дека од последниот протест досега нема промена во ставот на Владата.
„Сè е поскапено, на чело со горивата, но државата не ја зголемува стапката на покачување на платите. Работодавците се согласуваат да направат покачување. Меѓутоа, законот го спречува тоа.“
Цените на енергетските производи, како природниот гас и електричната енергија, рапидно растат во Европа, особено од есента.
Ваквата состојба ги вознемирува потрошувачите кои во зимските месеци се соочуваат со високи сметки.
Синдикатите и на 24 септември одржаа демонстрации со истите барања, а учествуваа илјадници луѓе.
- Инфлацијата во еврозоната -
Во еврозоната годишната инфлација заклучно со ноември достигна 4,9 отсто, што е највисоко ниво во последните 25 години.
Во ноември инфлацијата порасна на 6 отсто во Германија, 5,6 отсто во Шпанија и на 7,1 отсто во Белгија.