Ekip
09 Јуни 2021•Ажурирај: 09 Јуни 2021
КАБУЛ
Најмалку 10 членови на тимот за расчистување нагазни мини загинаа, а 14 се повредени во вооружениот напад во северната авганистанска покраина Бахлан, велат официјални претставници денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според покраинската администрација, инцидентот се случил синоќа во областа Баглан е-Маркази, кога непознати напаѓачи упаднале во основниот камп на деминери и побегнале.
Гувернерот на округот, Сајед Камал, за АА изјави дека е започната истрага за инцидентот.
Очевидците изјавија дека напаѓачите краделе и предмети од кампот.
Авганистанските официјални лица и бранителите на правата во последно време се исплашени од вознемирувачкиот тренд на поставување импровизирани експлозивни направи (IED) што предизвикуваат хаос во урбаните центри заедно со нагазните мини кои одземаат животи во немирниот крај.
Свежите проценки за нагазните мини од страна на Меѓународната кампања за забрана на мините сугерираат дека во Авганистан починале 1.538 лица од нагазни мини во 2019 година. Според проценките на ОН, има околу 120 цивилни жртви како последица на мини секој месец во земјата.
Ова се случува во моментот кога талибанските бунтовници во Авганистан вчера тврдеа дека зазеле уште еден округ во северната покраина Фарјаб, во услови на ескалација на насилството што доведе до убиства од сите страни.
Во меѓувреме, портпаролот на авганистанското Министерство за одбрана, Рухолах Ахмадзаи, изјави дека безбедносните сили направиле стратешко повлекување за да избегнат цивилни жртви и дека имаат сеопфатен план за враќање на овие области и за сузбивање на талибанците.
„Ситуацијата во тие области ќе се промени на подобро во блиска иднина“, рече тој.
Според Министерството за одбрана, во изминатите 24 часа во тековните акции за чистење биле убиени 91 талибански милитант, а 63 се повредени.