Meryem Göktaş
03 Октомври 2018•Ажурирај: 03 Октомври 2018
НУЈОРК (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со обвиненија дека им помагал на своите родители во избегнувањето на плаќање данок, што претставува директна измама, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „The New York Times“ (Њујорк тајмс) ја спроведе истрагата врз база на доверливи даночни пријави и финансиски евиденции која покажала дека актуелниот американски претседател во текот на 1990-тите години бил дел од сомнителни даночни шеми, и дека на тој начин значително го зголемил своето богатство кое го наследил од родителите.
Во текот на предизборнта кампања Трамп тврдеше дека отворил сопствена компанија, а дека од родителите наследил многу малку пари.
Иако Трамп се прокламира како милијардер кој самостојно го стекнал своето богатство, истрагата на американскиот весник открива дека од таткото Фред Трамп наследил недвижнини кои моментално се проценуваат на 413 милиони долари.
„Најголем дел од тие пари завршиле во рацете на господинот Трамп, бидејќи им помагал на родителите во избегнувањето на данокот“, наведува угледниот весник.
Исти извори тврдат дека Доналд Трамп со браќата и сестрите основале корпорации со цел да ги прикрие милионите долари кои му ги поклониле родителите.
„Евиденциите откриваат дека Трамп му помагал на својот татко во повеќемилионски даночни затајувања“, наведува весникот.
Истрагата на њујоршкиот весник базирана е и на интервјуата со поранешни работници и советници на Фред Трамп, како и на над 100.000 страници од финансиските, судските и другите евиденции за семејството Трамп.
„Фред и Мери Трамп на своите деца им оставиле над една милијарда долари богатство кое требало да биде оданочено со најмалку 500 милиони, а за што Трамп платил само 52,2 милиони долари“, наведува „The New York Times“.
Трамп не одговори на прашањата на њујоршкиот весник, но неговиот адвокат Чарлс Хардер ги отфрли сите наводи.
„Нема никакво затајување на данок. Фактите на кои се повикува 'The Times' во обвинениијата се целосно неточни“, порача Хардер.
Во врска со обвиненијата се огласи и братот на Трамп, Роберт Трамп, кој тврди дека неговото семејство уредно ги има подмирено сите даночни обврски.
„Сите подароци и пријави на недвижнини се уредно пополнети и исплатен е адекватен данок“, порача тој.
Во текот на предизборната кампања Доналд Трамп одби да ја објави сопствената даночна евиденција, што е во спротивност со практиката на неговите претходници со децении.