Ekipa
15 Февруари 2023•Ажурирај: 17 Февруари 2023
БРИСЕЛ (АА) – Унгарските европратеници побараа оставка од еврокомесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, откако пратениците на Европскиот парламент ги нарече „идиоти“, јавува Анадолу.
Оливер Вархеји денеска одговараше на прашања на пратениците на ЕУ на дебатата за проширувањето на Западен Балкан на пленарната седница на законодавното тело на ЕУ во Стразбур, Франција.
Откако му одговори на хрватскиот политичар Томислав Сокол, Вархеји заборави да го исклучи микрофонот.
„Уште колку идиоти има [на списокот на говорници]?“, воздивнувајќи праша на унгарски.
Унгарската опозициска партија Демократска коалиција објави соопштение, барајќи оставка на Вархеји.
„Не е вообичаено во Европскиот парламент да се нарекуваат идиоти оние со кои не се согласуваме“, изјави во видеоизјава Шандор Ронаи, социјалдемократски пратеник на ЕУ од партијата.
Партијата вети и дека ќе го пријави случајот до претседателите на Европскиот парламент и на Европската комисија.
- „Приватен и тековен разговор“ -
Во изјавата по инцидентот, Вархеји рече дека станува збор за недоразбирање за приватен и тековен разговор на унгарски меѓу него и неговиот шеф на кабинет за сосема друга работа.
„Целосно ги почитувам сите институции на ЕУ, вклучително и Европскиот парламент и неговите почесни членови“, нагласи тој.
Во јануари, Групата на социјалисти и демократи на Европскиот парламент повика на истрага, обвинувајќи го Вархеји дека „намерно сака да ги поткопа демократските реформи и реформите на владеењето на правото во земјите кои се приклучуваат кон ЕУ, особено во односите со Србија“.
Кинга Гал, пратеник на ЕУ од унгарската владејачка партија Фидес, која го номинира Вархеји за комесар, ги отфрли обвинувањата и ги нарече политичка кампања.