Ömer Tuğrul Çam
09 Ноември 2022•Ажурирај: 10 Ноември 2022
БРИСЕЛ (АА) – Европската комисија на Украина ѝ понуди пакет помош од 18 милијарди евра за 2023 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според предлогот подготвен од Европската комисија, финансиската помош за Украина следната година ќе се состои од многу поволни кредити кои ќе се плаќаат преку редовни месечни рати.
Кредитите ќе се отплаќаат од 2033 година и ќе имаат рок на отплата од 35 години, а каматата ќе ја плаќа Европската Унија (ЕУ). Целта е каматите да ја плаќаат земјите од ЕУ со придонеси во буџетот.
Финансиската помош, која ЕУ ја дефинира како „редовна и предвидлива“, ќе се дава во износ од 1,5 милијарди евра секој месец. На овој начин ќе се подмири дел од краткорочните потреби на Украина за финансирање, кои се проценуваат на три до четири милијарди евра месечно.
Преку пакетот за помош се предвидува да се исплатат платите на вработените во јавниот сектор и пензионерите во Украина, и да се обезбеди продолжување на работата на јавните служби како што се болниците и училиштата.
Европската комисија, исто така, наведува дека макроекономската стабилност на Украина и обновата на нејзината инфраструктура оштетена во војната ќе бидат можни благодарение на пакетот.
Освен за овие намени, Комисијата предвидува дека пакетот помош ќе помогне и во спроведувањето реформи во областите како што се владеењето на правото, доброто управување и борбата против корупцијата во Украина.
За да стапи во сила предлогот што го подготви Европската комисија, мора да го одобрат Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кој го сочинуваат земјите членки на ЕУ.