Betül Aklan
09 Ноември 2022•Ажурирај: 10 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Австралиецот Питер Џерард Скали е осуден на 129 години затвор, а неговата девојка Лавли Маргало е осудена на 126 години затвор на Филипини, каде што на четворица обвинети им се судело за 60 различни кривични дела, меѓу кои и за трговија со луѓе, изработка на видеа со содржина за злоупотреба на деца, вклучувајќи измачување и сексуално злоставување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според националните медиуми, донесена е пресуда за Питер Џерард Скали и тројца негови соучесници во судскиот процес за сексуално злоставување и напад врз 7 девојчиња, од кои едното имало 18 месеци.
Во процесот пред судот во Кагајан де Оро, обвинетите Скали, неговата девојка Лавли Маргало, соучесничката Марија Доротеа Чиа и неговиот возач Александар Лао, се изјаснија за виновни за 60 различни злосторства избирајќи како свои жртви деца помали од 18 години.
Окружната обвинителка Мерлин Барола-Уј изјави дека казната била финализирана на 3 ноември, откако Скали и неговите тројца пријатели решиле да потпишат договор за спогодба.
„Обвинетите конечно решија да се договорат по пет години гонење. Тие се изјаснија за виновни по обвиненијата за да можат да се соочат со помали казни. Го поздравуваме овој развој на настаните бидејќи сите жртви, освен три, сега се веќе возрасни“, изјави обвинителката Барола-Уј.
Другите двајца обвинети се осудени на повеќе од 9 години затвор.
Скали кој отслужува доживотна затворска казна за сексуално злоставување и трговија со луѓе, вклучувајќи го и обвинението за предизвикување смрт на дете кое било закопано во кујната на неговиот поранешен дом, по вторпат е осуден на затворска казна.
За Лавли Маргало биле издадени 16 налози за приведување под обвинение за убиство на 12-годишно дете со измачување, изработка на видеа со содржина за злоупотреба на повеќе од 10 деца, сексуално злоставување и измачување.