Şerife Çetin
06 Јуни 2019•Ажурирај: 07 Јуни 2019
БРИСЕЛ (АА) - Академици и научни соработници од Европа упатија повик до Европската Унија (ЕУ) за воведување сеопфатно ембарго за оружје на Израел и суспендирање на нејзиното учество во програмите за истражување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вкупно 155 европски академици и научни соработници во отвореното писмо упатено до Комисијата на ЕУ истакнаа дека Израел отворено ги прекршува човековите права.
„Сѐ додека Израел продолжува со тоа, ја повикуваме ЕУ да спроведе сеопфатно ембарго за оружје против земјата“, се вели во отвореното писмо на академиците.
Во писмото се потсетува дека Израел, во рамките на Договорот за партнерство со ЕУ, има право на учество во проектите за истражување „Horizon Europe“.
Академиците во отвореното писмо бараат да се суспендира правото на учество на Израел во таа програма, сѐ додека израелската Влада продолжува со кршењето на меѓународното право.
Во писмото, исто така, се посочува дека даноците на граѓаните на ЕУ наменети за образование и технологија не треба да се користат од страна на Израел, која ги крши човековите права, и дека користењето на тие пари од страна на Израел не е во согласност со вредностите на ЕУ.
„Знаењето и технологијата треба да се користат за служење на човештвото и општеството“, се нагласува во писмото.
„Израел технологијата ја користи за воена окупација и заштита на системот на апартхејдот“ се вели во писмото, и се потсетува дека од страна на Обединетите нации е документирано дека Израел го крши меѓународното право и врши воени злосторства врз Палестинците.