ИСТАНБУЛ (АА) - Европските лидери денес изразија длабоко сочувство поради смртта на папата Франциск, опишувајќи го како симбол на сочувство, социјална правда и морално лидерство, со глас кој одекнуваше далеку надвор од границите на Католичката црква, јавува Анадолу.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата Х напиша дека покојниот папа инспирирал милиони луѓе со „неговата скромност и чиста љубов кон најсиромашните,“ додавајќи дека неговото наследство ќе продолжи да ги води напорите за „поправеден, помирен и посочувствителен свет.“
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, го нарече папата Франциск „Папа на народот,“ истакнувајќи дека неговата „заразна насмевка освоила милиони срца“ и дека ќе биде запаметен по неговата „надеж за мир, сочувство за еднаквост и социјална правда.“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така, упати сочувство „до католичката заедница и сите кои беа трогнати од неговата човечност,“ опишувајќи ја неговата „посветеност на мирот и сочувството“ како инспирација за милиони луѓе.
Францускиот претседател Емануел Макрон упати сочувство до Католиците низ светот, пофалувајќи ја скромноста на папата и неговата посветеност на најранливите „во овие времиња на војна.“
„Од Буенос Аирес до Рим, папата Франциск сакаше Црквата да носи радост и надеж до најсиромашните“, напиша Макрон на Х.
„Нека таа надеж продолжи да живее бесконечно, и по него“, додаде тој.
Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека Католичката црква и светот загубиле „бранител на слабите, помирувач и топол човек.“
„Го ценев неговиот јасен поглед на предизвиците кои нè засегаат сите. Моето сочувство оди кон верниците низ светот,“ додаде Шолц.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го опиша папата Франциск како „голем човек и голем пастир,“ оддавајќи почит за неговото пријателство, водство и истрајност во моменти на страдање.
„Неговите учења никогаш не изостанаа, дури и во најтешките моменти на болка. Ќе го следиме патот што ни го покажа, барајќи мир и градејќи поправедно и похумано општество“, рече Мелони.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша како „добар, топол и чувствителен човек.“
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја нагласи посветеноста на папата на мирот, социјалната правда и грижата за најранливите, додека идниот нов германски канцелар, Фридрих Мерц, го нарече „човек воден од скромност и вера во Божјата милост.“
Холандскиот премиер Дик Шуф го опиша папата Франциск како „Човек на народот“ кој живеел скромен живот и станал пример за многумина, без оглед на верата.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, го истакна неговиот морален став и храброст во соочување со социјалните и политичките прашања, нарекувајќи го лидер „кој ја предизвикуваше својата Црква“.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, исто така. го нарече Франциск „голем понтиф“ и „пријател на Италија,“ потсетувајќи на неговата грижа за создавањето, милосрдието и братството.
Денес, на 88-годишна возраст почина папата Франциск по долга борба со тешка болест. Како што соопшти претходно Ватикан, папата страдал од долготрајна респираторна болест слична на астма, поврзана со тромбоцитопенија.
Франциск е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, во семејство на италијански имигранти. На чело на Римокатоличката црква беше повеќе од една деценија.
news_share_descriptionsubscription_contact
