Zehra Nur Düz
20 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
КАИРО
Египетскиот парламент денес го одобри предлогот кој ја овластува воената интервенција во соседна Либија, при што ваквиот потег може да ги засили тензиите во Северна Африка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На тајното гласање со кое претседаваше претседателот на парламентот, Али Абдел Аал, парламентот го овласти египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси „да ги преземе сите неопходни мерки за да ја заштити националната безбедност на земјата“, објави весникот „Ал Гомурија“.
Оваа одлука е донесена една недела откако либискиот парламент во Тобрук, поврзан со воениот лидер Калифа Хафтар, му даде на Египет зелено светло воено да интервенира во Либија, под изговор „за заштита на националната безбедност“ на двете држави.
Минатиот месец, ал Сиси упати закани за воена интервенција над Сирт и Џуфра, велејќи дека се нивна „црвена линија“.
Во април 2019 година, нелегитимните сили на Хафтар започнаа напади врз либискиот главен град Триполи и други делови на северозападна Либија, во кои загинаа над 1.000 лица, меѓу кои жени и деца.
Силите на либиската легитимна Влада неодамна остварија значајни победи, протерувајќи ги силите на Хафтар од Триполи и стратешкиот град Тархуна.
Владата на национално единство на Либија е меѓународно признаена од страна на Обединетите нации (ОН), додека Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот од Либија, поддржан е од страна на Русија, Франција, Египет и ОАЕ.