Gamze Türkoğlu Oğuz
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
КАИРО (АА) - Во горниот дел на големата галерија во Кеопсовата пирамида во Гиза, Египет, откриена е мистериозна празнина. Откритието е резултат на двегодишно истражување на јапонските и француските научници кои го користеле методот на скенирање со мионска томографија (мион - елементарна честичка слична на електронот), пренесува Anadolu Agency (AA).
Научниците сѐ уште не знаат за што бил користен просторот длабок 30 метри.
Во Кеопсовата пирамида се наоѓаат три големи внатрешни соби и голем број премини. Се истакнува дека најинтересната од овие соби е големата галерија, долга 47 метри, а висока 8 метри.
Вниманието го привлекува тоа што новооткриената празнина е со слични димензии како големата галерија, и тоа што не се гледа дека е поврзана со познатите премини.
Се смета дека Кеопсовата пирамида, која е позната и по името Куфу - вториот фараон од четвртата династија во Египет, е изградена меѓу 2551 и 2560 година пред нашата ера.
Кеопсовата пирамида, едно од седумте светски чуда, е висока 140 метри, и е најголемата пирамида во Гиза.
Резултатите од откритието се објавени во списанието „Nature“ (Природа).