КАИРО (АА) - Египетската полиција изврши упад во канцеларијата на Агенција Анадолија (АА) во Каиро, приведе четворица вработени, од кои еден турски државјанин, и ги однесе во непознат правец, јавува АА.
Полициските службеници кои влегле во канцеларијата, ги исклучиле камерите и ја прекинале интернет-врската.
Безбедносните сили вчера вршеле претрес во канцеларијата до утринските часови, ги зеле пасошите на вработените, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Според дописникот на АА, тимовите за пребарување одбиле да дадат информации на адвокатот на АА, кој веднаш по инцидентот дошол во канцеларијата.
- Новинарите однесени на непозната локација
Новинарка од Египет вработена во канцеларијата на АА, била ослободена на полноќ, додека другите четворица, меѓу кои еден турски државјанин, биле задржани во канцеларијата до утринските часови.
Новинарите во раните утрински часови, од страна на полицијата биле однесени на непозната локација.
- Египетските власти не објаснуваат
Амбасадата на Турција во Каиро и адвокатите, од властите на Египет побараа објаснување зошто се приведени новинарите и каде се однесени, но не добија никаков одговор.
- Генералниот директор на АА, Казанџи: „Египетските власти треба веднаш да ги ослободат вработените во АА“
Генералниот директор на АА, Шенол Казанци, истакнувајќи дека ставот на египетските безбедносни сили кон медиумите е неприфатлив, рече: „Египетските власти треба веднаш да ги ослободат вработените во АА.“
Казанџи, исто така наведе дека АА, како глобален бренд во новинарството, внимателно ќе ја следи ситуацијата и сѐ додека вработените не бидат ослободени, настанот ќе го држи на агендата на меѓународните медиуми.