Şerife Çetin
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека спротивставувањето на новите „Sykes-Picot“ поделби во регионот (Договорот „Сајкс-Пикот“, постигнат на 16 мај 1916 година, претставува таен договор меѓу Велика Британија и Франција за поделба на интересните сфери на Блискиот Исток по Првата светска војна) и борбата против тероризмот, ја отсликуваат почитта на Турција кон соседите и претставуваат предуслов за безбедноста на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Ердоган напиша статија за францускиот весник „Ле Фигаро“ (Le Figaro), по повод одбележувањето на 100. годишнина од завршувањето на Првата светска војна.
Претседателот Ердоган потсети дека лидерите на земјите што учествуваа во Првата светска војна, на 11 ноември 1918 година донеле одлука за прекин на судирите кои траеја повеќе од 4 години и кои доведоа до страдање на повеќе од 40 милиони луѓе низ целиот свет.
Тој во текстот наведува дека лидерите што присуствуваат на одбележувањето во Париз, ќе можат да разговараат за лекциите научени од оваа војна, нејзиното влијание на денешницата и чекорите што треба да се преземат за да не се повтори нешто слично.
„Без сомневање, Првата светска војна, која некои ја нарекуваа Војна која ќе ги прекине сите војни, за нашата земја беше прашање за живот или смрт“, пишува Ердоган, осврнувајќи се на случувањата од Првата светска војна, вклучувајќи ги и оние на подрачјето на Турција.
Ердоган во текстот се осврна и на моменталните случувања во светот, особено на оние во Сирија и Ирак.
Тој во продолжение на статијата истакнува дека Турција, секогаш низ историјата покажувала почит кон територијалниот интегритет на своите соседи и дека презема чекори кои ги поддржуваат мирот и стабилноста.
„Спротивставувањето на новите „Sykes-Picot“ поделби во регионот и борбата против терористичките организации, како што се ДЕАШ, ПКК и ФЕТО, ја отсликуваат почитта на Турција кон соседите и претставуваат предуслов за безбедноста на Европа“, смета Ердоган.
Тој во статијата наведува дека најважната лекција научена од Првата светска војна е сознанието колку е тешко да се управува траен мир.
„Турција ќе ги продолжи своите активности за остварување на целта за полноправно членство во Европската Унија, кој е најзначаен мировен проект во историјата на Европа“, напиша Ердоган во својата статија, објавена во францускиот весник „Ле Фигаро“, додавајќи дека Турција ќе продолжи да го дава својот придонес во мирот и стабилноста.