Handan Kazancı,Ekip
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
БРИСЕЛ/ИСТАНБУЛ (AA) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган ги повика членките на НАТО во критичен период да покажат сојузничка солидарност со Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„НАТО е во критичен период кога јасно би требало да ја покаже сојузничката солидарност", рече Ердоган на прес-конференцијта со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Ердоган смета дека сојузниците треба да покажат солидарност со Турција без дискриминација и политички предуслови.
Турскиот лидер додаде дека неговата земја девет години се бори против заканите од Сирија.
„Ние сме единствената земја во НАТО која гради в гради се бори против ДЕАШ и која даде шехиди", рече Ердоган.
Смета и дека ниту една европска земја нема луксуз да биде рамнодушна кон судирите и хуманитарна драма во Сирија.
- Столтенберг: Турција е важен сојузник
Столтенберг рече дека ниту еден сојузник не претрпе повеќе терористички напади од Турција.
„Ниту еден сојузник не прими повеќе бегалци од Турција", рече Столтенберг, поздравувајќи ги напорите на Турција во одржувањето на безбедноста во регионот.
Додаде и дека Турција е важен сојузник кој придонесе за безбедноста на неколку начини.
Шефот на НАТО појасни дека воениот сојуз значително инвестирал во системите и воената база во Турција во изминатите неколку години, како и дека продолжува да придонесува во воздушните и поморските мисии во Турција.
„Сојузниците се спремни да продолжат да ја поддржуваат Турција и да анализираат што е можно уште да се направи", рече Столтенберг говорејќи за посветеноста на блокот за соработка.
Генералниот секретар на НАТО изрази и загриженост поради безбедносната ситуација во Сирија и мигрантската криза како нејзината директна последица.
Столтенберг се надева дека примирјето во Идлиб ќе прерасне во постојан мир.
Генралниот секретар миграциите ги опиша како заеднички предизвик и го поздрави дијалогот помеѓу Турција и ЕУ во изнаоѓање долгорочно решение за кризата.
Состанокот на Ердоган и Столтенберг траеше околу еден час.
Ердоган е во еднодневна посета на Брисел на повик на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Турскиот претседател би требало да се состане со Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лелеј, после што би требало да биде одржана заедничка прес-конференција.