Enes Kaplan
22 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
ДАКАР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе ги зајакне односите со африканските земји за време на неговата посета на сенегалскиот главен град Дакар, што е дел од неговата четиридневна мини-турнеја во Централна и Западна Африка, , јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе продолжиме да ги унапредуваме нашите односи со африканските земји врз основа на искреност и солидарност“, изјави Ердоган за време на заедничката прес-конференција со неговиот сенегалски колега Меки Сал.
Ердоган истакна дека со коминикето, акциониот план и заедничкиот извештај за имплементација, усвоени за време на третиот самит за партнерство Турција-Африка во Истанбул, била утврдена Мапата на патот за турските односи со Африка за периодот 2022-2026 година.
„Разговаравме за сите аспекти на односите меѓу Турција и Сенегал на средбата со мојот драгоцен брат“, рече Ердоган.
„Разменивме идеи за тоа како понатаму да ги унапредуваме нашите односи во секоја област. Уште еднаш со задоволство забележавме дека ја делиме истата определба за продлабочување на нашата соработка“.
Турскиот претседател, исто така, рече дека во среда ќе присуствува на церемонијата на отворање на Олимпискиот стадион Дакар, кој го изградија турски претприемачи.
„Многу сум горд што новиот стадион, кој ќе додаде нови спортски успеси на Сенегал, го изгради турска фирма. Од се срце ви честитам на големиот успех што го постигна репрезентацијата на Сенегал на Африканскиот куп на нации со освојувањето на шампионатот“, додаде тој.
Истакнувајќи дека обемот на билатералната трговија меѓу Турција и Сенегал достигнал 540 милиони долари во 2021 година, Ердоган рече дека нивната цел е да ја зголемат оваа бројка на околу 1 милијарда долари за краток временски период.
„Ние придаваме големо значење на структурирањето на нашите инвестиции на начин да им се даде приоритет на човечките ресурси додека ги унапредуваме нашите односи“, рече тој.
„На пример, 1.000 од вкупно 1.500 работници вработени во проектот на Олимпискиот стадион Дакар беа наши браќа и сестри од Сенегал.
„Придонесите на нашите компании во рамките на Сенегалскиот план во развој ќе продолжат со поддршка на сенегалскиот народ“, додаде Ердоган.
„Исто така, нашите фирми во Сенегал вршат активности во областа на енергијата, производството на челик, здравствената заштита, прехранбената индустрија, производството на готов бетон и преработката на злато врз основа на заеднички интерес.
Ердоган ја спомена и „блиската соработка во областа на развојот“.
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), која „од 2007 година досега има завршено 186 проекти во Сенегал со вкупна вредност од 12 милиони американски долари, е решена да продолжи со своите активности“, рече тој.
„Турската фондација ‘Маариф’, од своја страна, обезбедува образование за 287 ученици во 13 училишта во Сенегал“, рече тој, додавајќи дека „бројот на сенегалски студенти на кои им се доделени стипендии за студии во Турција од 1992 година досега изнесува 187“.
Заблагодарувајќи им се на сенегалските власти, Ердоган истакна „Ви благодарам за поддршката што ја давате во нашата борба против терористичката организација ФЕТО. Не се сомневаме дека оваа поддршка и солидарност ќе продолжат“.
Ердоган и Сал потпишаа пет договори, вклучително и еден за безбедност.
Сал од своја страна ги пофали турските компании кои иницираа различни инвестициски проекти во земјата и рече дека инвестициите меѓу двете земји треба уште повеќе да се зголемат.
Претседателот на Сенегал рече дека го поканил Ердоган на отворањето на стадионот на 22 февруари и поканата се претворила во официјална посета.
Тој, исто така, му се заблагодари на Ердоган за неговата поддршка и интерес за играчите од Сенегал кои играат во Турција.
Претходно, Ердоган и Сал присуствуваа на Бизнис форумот „Турција-Сенегал“ и имаа средба во Републичката палата.