Şerife Çetin
21 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
БРИСЕЛ (AA) - Европската унија (ЕУ) побара сеопфатна, доверлива и транспарентна истрага за убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изрази голема тага поради убиството на саудискиот новинар кој имаше блиски односи со европските институции и организации.
ЕУ е решителна, како што изјави, во заштита на сите новинари во светот и обезбеди слобода на медиумите. Во соопштението е наведено дека деталите за смртта на Кашоги и шокантното кршење на Виенската конвенција за конзуларни односи се многу загрижувачки.
Могерини порача дека семејството на Кашоги заслужува правда.
„Треба да се продолжи со севкупна, доверлива и транспарентна истрага за убиството на Кашоги и да се обезбеди одговорните да одговараат", повика високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Саудиска Арабија синоќа соопшти дека новинарот Кашоги починал по расправија во саудискиот Конзулат. Според наводите на саудиската државна телевизија, 18 државјани на Саудиска Арабија се приведени поради врска со смртта на Кашоги во Конзулатот на оваа држава во Истанбул.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври, откако влегол во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Кашоги е познат како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.