Tayfun Salcı
21 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
ЛОНДОН (AA) - Околу 700.000 лица излегоа денес на улиците на Лондон, во знак на протест против излегување од Европска унија (Брегзит) и повикувајќи на одржување на нов референдум, пренесува Anadolu Agency (AA).
Големиот протест го организираше платформата Гласот на луѓето, а најголем протест во последните десет години, започна со марш пред паркот Хајд, а заврши со митинг на Плоштадот на Парламентот пред Вестминстерската палата.
Собраните носеа транспаренти на кои пишуваше: „Можеме ли да гласаме?" и „Ја сакаме Европа". На протестите присуствуваше и градоначалникот Садик Кан.
Со одржување на втор референдум не се согласува премиерката Тереза Меј. Смета дека граѓаните во 2016 година го кажале своето.
Велика Британија со референдумот во јуни во 2016 година одлучи да ја напушти Европската унија, а официјално процесот на истапување започна кон крајот на март минатата година.
Во согласност со тоа, Велика Британија на 29 март наредната година ќе истапи од Унијата, без оглед дали ќе биде постигнат договор помеѓу Брисел и Лондон за взаемни обврски и идни односи. Преодниот период предвидува рок до кој Велика Британија ќе остане врзана за правилата на ЕУ.